Јаневска: Вештачката интелигенција етапно ќе се воведува во наставните програми

Вештачката интелигенција повеќе не се третира како футуристички концепт, туку е реалност и има голема примена во секојдневието. Планираме нејзино етапно воведување во наставните програми во училиштата, тоа е наша должност со цел младите низ формалниот процес на образование да се запознаваат со придобивките, но и со предизвиците од нејзината употреба.
Ова го истакна министерката за образование и наука на дебатата со наслов „Дали имаме национален капацитет за брза адаптација на работната сила со предизвиците кои ги носи вештачката интелигенција?“, организирана во рамки на 19та годишна конференција на МАСИТ – Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии, што денес и утре се одржува во Скопје.
„Вештачката интелигенција има голем потенцијал во областа на образованието. Таа, може да го револуционизира начинот на кој се учи и се предава. Може да го персонализира образованието, приспособувајќи ја содржината на индивидуалните потреби и стилови на учење на секој ученик. Ова може да доведе до подобри резултати од учењето“, рече Јаневска, посочувајќи дека зборува за вештачката интелигенција која е во согласност со етичките и моралните начела и норми.