Јавниот превоз е нормализиран – вработените ги добија платите

Во 10 часот на сметките на вработените во Јавното сообраќајно претпријатие пристигна септемвриската плата. Првиот човек на Самостојниот синдикат на возачи Африм Муча рече дека јавниот превоз работи нормално. Тој додаде дека добиле ветување од градоначалничката дека нема да има доцнење на платите ниту во следните неколку месеци.
„Целта е постигната. Платите се исплатени денеска во 10.00 часот. Ни вети дека платите за месеците октомври и ноември се безбедни и дека и тие ќе бидат исплатени. Но и кога ќе се прави ребаланс за буџетот за 2023 година и тогаш нема да имаме никаков проблем“, рече Муча.
Откако ги добија платите, возачите ги повлекоа автобусите пред зградата на Владата.
И покрај тоа што Град Скопје обезбеди пари за платите во последните месеци од годинава, останува отворена дилемата во каква форма оваа институција ќе продолжи да ги бара парите за кои тврди дека му ги должи Министерството за образование и наука.
Вчера автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие не возеа – дел останаа на паркинг, а неколку беа паркирани пред Владата. Протестот следуваше откако вработените не добија плата за септември во законскиот рок. Вработените протестираа пред објектот на ЈСП, бидејќи како што рекоа нивните пари треба да ги ослободи работодавачот, додека секретарот на Град Скопје и директорот на претпријатието протестираа пред Владата. Од Град Скопје побараа извршната власт и општините да ги подмират долговите кон ова претпријатие, за да може нормално да функционира. ЈСП е едно од јавните претпријатија со најголем долг.
Еви Шкопи