Јорданова: Измените на Кривичниот законик спротивни на европските стандарди

Дел од експертската јавност апелира правосудството да собере сили и да се бори против негативните тенденции што доаѓаат од извршната власт, како што се последните измени во Кривичниот законик. Според Малинка Ристевска Јорданова од Институтот за европски политики, многу се јасни ставовите што доаѓаат од клучните институции во правосудството, како што е Врховниот суд – дека измените се спротивни на европските стандарди.
„Овие измени на Кривичниот законик прават огромна штета, не само на реформите како реформи во однос на усогласувањето со правото на Европската Унија, туку воопшто на системот на вредности во нашата држава“, рече Малинка Ристеска Јорданова – Институт за европски политики.
Прашана за употребата на европското знаменце, Ристевска вели дека Европската Комисија во повеќе наврати укажала дека ваквиот начин на брзо процесуирање на законодавството во Собранието треба да се смени. Тоа последно било на повеќе места укажано и во првиот Извештај од скринингот за земјава. Носењето закони со европско знаме најмногу во регионот се користи токму во Македонија. Како што додава Ристевска, Брисел веќе одамна повторува дека парламентарните партии постигнале согласност брзата постапка од Деловникот да се укине, но за тоа да се случи е потребна политичка волја. Таа истакна дека сепак Унијата ќе изнајде начин да се стави крај на ваквата практика што неколку пати е споменета во Извештајот.
„Следува изработка на патоказите. Тие патокази треба да се усвојат во Советот. Најпрвин да се издискутираат со Европската Комисија. Мислите Европската Комисија дека ќе прогледа низ прсти дека нема решенија за овие препораки што ги дала на пет места? Очигледно власта не слуша. Мислам на која и да е власт, бидејќи во едно време на една власт е воведено како пракса и како норма, а во друга се продолжува да се злоупотребува“, додава Јорданова.
Од Европската Комисија неделава соопштија дека се загрижени поради начинот на носење на измените на Кривичниот законик. Тие беа предложени со европско знаменце, односно по брза постапка, со што според Комисијата се оневозможува широка јавна расправа. Во одговорот на критиките од Брисел, според премиерот Димитар Ковачевски, било наведено дека знаменцето било употребено, но не и злоупотребено.
Лука Андреев