Како Мијалков го смени животниот стил

Сашо Мијалков, поранешен директор на тајната полиција сега бегалец, пред две години убедуваше дека неговата животна филозофија не е бегањето. Кога обвинителката Фатиме Фетаи побара притовор откако Мијалков беше осуден на три години затвор за случајот „Титаник 2“ за изборни нерегуларности, Мијалков порача дека не треба да оди во Шутка, оти не планира да бега. Беше во притвор само 20 дена и на 28 – март мерката му беше заменета со куќен притвор кој не можеше да трае повеќе од 60 дена бидејќи против него немаше обвинение туку обвинителен предлог. Апелација потоа ги укина пресудите за „Титаник 2“, а судењето почна одново.
„Стилот на мојот живот не е бегањето. Односно сакам да кажам дека јас никогаш нема да бегам и доколку оваа пресуда ја потврди Апелациониот суд тоа ќе го решам со излежување на казна не со бегање“, велеше Мијалков.