СВЕТ

Калас: Дебатите за мировни сили во Украина претставуваат ризик за запаѓање во „руската замка“

Дебатите ширум Европа за можно испраќање мировни сили во Украина преставуваат ризик да се западне во „руската замка“, бидејќи дискусиите за мировна мисија се преуранети во услови кога „Русите не сакаат мир и нема мир“, порача високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.

Advertisements

– Ако зборуваме за мировници, тогаш запаѓаме во руската замка, затоа што тие не сакаат мир, и нема мир. Ако ги прочитате коментарите на Русите, тие беа прилично среќни. Тие веќе добија се. Прво, треба да извршиме притисок врз (рускиот претседател Владимир) Путин за да се движи кон постигнување мир, изјави Калас во интервју за бриселскиот портал „Еурактив“ во врска со дебатите што се интензивираа во ЕУ по лидерската средба во Париз во понеделникот за испраќање европски мировници во Украина.

Според неа, во сегашните услови фокусот на ЕУ треба да биде на ставен на зајакнување на позицијата на Украина затоа што колку таа ќе биде помоќна на бојното поле, толку ќе биде посилна и на преговарачката маса и ќе биде во состојба да каже „не“ на лош договор.

Во врска со вчерашните разговори на американски и руски претставници во Ријад, Калас оценува дека Американците можат да се среќаваат со кого сакаат, но за да успее некој мировен договор во врска со Украина, во разговорите треба да бидат вклучени и Европејците и Украинците.

– Ако биде постигнат некаков договор со кој не се согласуваме, тогаш тој ќе пропадне, бидејќи нема да се спроведе, смета Калас.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button