Камбовски апелира за финансиска независност на судството

Првиот човек на Судскиот совет бара финансиска независност во согласност со законот, подвлекувајќи дека не може да се зборува за независност на судството ако тоа зависи од други власти. Коментирајќи ги барањата за оставки на Судскиот и Обвинителскиот совет, Александар Камбовски рече дека оставките не се реформи. Тој подвлече дека Судскиот совет е речиси целосно променет, но промената на составот не е гаранција дека оние што ќе дојдат се подобри. Тој вели дека реформите се прават преку законски измени.
Претседателот на Здружението на судии, Иван Џолев, рече дека за поефикасно судство се потребни инвестиции, нови вработувања и дигитализација. Тој подвлече дека износот од 0,8 проценти од државниот буџет, што е предвиден со закон за судството, никогаш не е обезбеден. Според него, максималниот буџет наменет за судството во претходните години не достигнал ниту 0,4 проценти.
И покрај недостигот на кадар во судството, од утре уште 200 вработени во судството ќе останат без договори за вработување, бидејќи Министерството за финансии не ги продолжило, ниту објавило нов оглас за вработување.
Ајнур Бафќари