Камбовски не открива дали има постапка против Беџети

Новиот претседател на судскиот совет Александар Камбовски не откри дали судскиот совет постапува против судијата Енвер Беџети кој кон крајот на минатата година заврши на црната листа на САД поради примање на мито за случаи поврзани со поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Камбовски вели дека актуелниот закон не дозволува јавно да се каже за тоа дали против одреден судија судски води дисциплинска постапка или не.
„Во судскиот совет се водат повеќе постапки против судии, меѓутоа не можам да ги обелоденам имињата на тие колеги, со оглед дека тие постапки се тајни. Што значи не дека јас не сакам или судскиот совет, туку дека законот забранува да ги обелоденуваме јавно. Единствен начин да станат достапни тие имиња на судии или тие постапки е доколку самите тие судии побараат таа постапка да биде јавна, тогаш не би имале пречка да кажеме дека против тие и тие судии се водат постапки“, вели Камбовски.
Судскиот совет пак од порано веќе водеше постапка за поведување одговорност против Беџети, но тогаш членовите одлучија тој да биде само парично казнет, иако утврдија дека неоправдано со месеци го чувал во фиока предметот со масовното прислушување во кој првоосомничен беше токму Мијалков. Во однос пак критиките на извршната власт врз работата на Советот, Камбовски вели дека тој не го чувствува тоа како притисок, туку вели дека е нормално да има и несогласувања.
„Власта е поделена на законодавна, извршна и судска. Нормално е помеѓу овие три власти да има и комуникација, нормално е понекогаш да има и несогласувања. Секој си работи во својот домен и секој си работи согласно законите и уставот. Така да, доколку и критикува некогаш некоја од властите меѓу себе, јас не го сметам тоа за притисок, секој си работи во рамките на своите надлежности“, додава Камбовски.
Камбовски на трети јануари едногласно беше избран за нов прв човек на судски, а како член на ова тело е од 2024 година. Тој денеска ја одржа својата прва седница, на која меѓу другото, беше распишан и конкурс за избор на нов претседател во врховниот суд.
Михајло Донев