ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Камчев ја промени адресата од Скопје во Охрид, што би можело тоа да значи?

Осудените во случајот „Империја“, Јордан (Орце) Камчев и Ненад Јосифовиќ, пред издржување на едногодишната затворска казна ги смениле адресите на живеење од Скопје во Охрид и сега ќе добијат нов упатен акт во установа, според местото на живеење.

„До Основниот кривичен суд Скопје на 05.05.2022 година од бранителите на Ј.К. и Н.Ј., осудените со пресудите врз основа на предлог спогодба во наведениот предмет, доставено е известување за промена на адресата на живеење и тоа од адреси во Скопје на адреси во Охрид. Судот ги изврши сите неопходни увиди за да ја потврди доставената информација, а по констатирање дека осудените лица во текот на постапката извршиле промена на адресата, Кривичниот суд, согласно член 7 став 2 од Законот за извршување санкции, според кој надлежен суд за извршување на санкцијата е судот според местото на живеење, денеска го достави предметот на понатамошно надлежно постапување на Основниот суд во Охрид“, соопштија од Основниот кривичен суд во Скопје.

Откако Камчев и Јосифовиќ се спогодија и добија едногодишна затворска казна, судија за извршување санкции им издаде упатен акт според кој тие требаше на 1 јуни да се јават за издржување на казната во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари. Меѓутоа, поради промената на адресата, сега тие ќе треба да добијат упатен акт од охридскиот суд.

Со оглед дека во казната влегува и времето што тие го поминаа во притвор за случајот „Империја“, им останува помалку од една година затвор. На Камчев, според пресметките, му остануваат околу осум месеци.

Земајќи ја предвид казната, според упатените, најверојатно тие ќе добијат упатен акт за Казнено-поправниот дом (КПД) во Струга кој е полуотворен тип.

За потсетување, вакво сценарио имаше и во случајот со Зоран Милески-Кичеец кој призна вина во случајот „Рекет“ и доби тригодишна затворска казна. И тој првично од Основниот кривичен суд во Скопје доби упатен акт за затворот во Шутка, но во меѓувреме ја промени адресата, па потоа охридскиот суд му издаде нов упатен акт за КПД Струга.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button