ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Камчев си бара 1,5 милиони евра, Катица Јанева и Боки 13 не дојдоа во судот

Поранешната шефица на СЈО, Катица Јанева и Бојан Јовановски, јавно познат како Боки 13, нема од затвор да бидат спроведени во Граѓанскиот суд каде ги тужи бизнисменот Орце Камчев. Вака одлучи самиот суд, бидејќи немало потреба од тоа. Но, адвокатот на Јанева не се согласи со тоа.

Advertisements

„…Произлегува дека самото право на одбрана е пониско право од правото на трошоци коишто треба да бидат платени за да можеш ти како и било кој од нас, исто како Катица Јанева, како осуденик да присуствува на судското рочиште“, рече Лазар Јанев, адвокат на Катица Јанева.

Камчев ги тужи Боки 13, Јанева, згаснатото СЈО, редовното обвинителство, како и државата и си ги бара назад парите од 1,5 милион евра кои ги дал на Боки 13 и Зоран Милевски – Кичеец, веќе осудени во случајот „Рекет“. Според адвокатот на Јанева, кој воедно е и нејзин син, тие пари не може да му ги даде таа, бидејќи е осудена за злоупотреба на функцијата за добивање награда од 50.000 евра во кожна гарнитура, но не и оти зела пари од Камчев.

„Кривичното дело (во „Рекет“) коешто се става на товар на Зоран Милевски – Кичеец, Бојан Јовановски и на Катица Јанева, не дозволуваат да Јордан (Камчев) има својство на оштетен, туку само на сведок и од тоа не постои активна легитимација за поведување на овој спор…“, рече Лазар Јанев, адвокат на Катица Јанева.

Алсат го праша Камчев дали очекува да му бидат вратени парите, но тој не одговори.

Прашање: Зошто им ги дадовте?…

Според пресудата за случајот „Рекет“, Камчев парите им ги дал на Боки 13 и на Кичеец за да се спаси од прогон во истрагата водена во СЈО, „Империја“ и да добие олеснителни околности.

Тужбата на Камчев со која си ги бара 1,5 милион евра сè уште во подготвителна фаза. Во скопска „двојка“ подготвителното рочиште ќе продолжи на 11 март, а судот допрва треба да одлучи дали воопшто да се отвори граѓанска постапка за тоа дали на Камчев да му се вратат парите назад.

Боки 13 и Јанева добија затворски казни од 9, односно од 7 години. Кичеец беше осуден на три години откако призна вина за случајот „Рекет“.

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button