ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Камионџии кои возат од и кон Албанија заглавени во Струга

Десеттина камиони од вчера попладне се заглавени пред Струга. Тие преку граничниот премин Ќафасан се враќале од соседна Албанија, каде носеле или земале роба. Има и македонски и албански камиони. Некои пак заглавиле на пат кон Албанија. Поради големите врнежи, самите го чистеа снегот пред нивните камиони. Овде ќе останат и во следните дваесеттина и повеќе часа.

Advertisements

„Гледате дека никаде не е чист патот. Синоќа едвај се спуштив надолу од Ќафасан до Струга. Сега сум паркиран во Струга. Сите патишта се блокирани. Не знам со бројка колку камиони се заглавени. Има камиони кои одат и за Албанија, сите се блокирани, бидејќи патот не е чист“, вели еден камионџија.

„Во Струга заглавивме синоќа од 18 часот и 30 минути, бидејќи не не пушта полицијата. Состојбата е катастрофа. Чистат, но сол не фрлаат никако. Сега битуменот кој го носам ќе се смрзне, кој ќе го истовари и кој ќе ја плати оваа штета. Велат 48 часа нема да се пушти Стража. Уште два дена тука ќе сме, сто посто. Поминува тој со багерот, го бутка снегот накај камионот му е гајле. И еве чистам. Што да правам. Купувам сол, пуштам сол од камионот за да излезам“, додава еден камионџија.

Велат дека дополнителен проблем им создава тоа што резервите со храна им се при крај. Уште една ноќ ќе преноќат во камионите.

„За јадење уште утре, па потоа здравје ќе видиме. Уште 12 часа. Потоа газдите ќе ни носат. Или комшиите, ќе ни носат“, вели еден камионџија.

Патот кој води кон граничниот премин Ќафасан со соседна Албанија целосно е под снег и тешко прооден. Слична е ситуацијата е и низ сите патишта во целиот охридско – струшки регион.

И низ градските сообраќајници во Струга тешко се одвива сообраќајот и движењето на граѓаните. Некаде повеќе, некаде помалку е исчистено. Сепак, полошо е на оние улици кои се под Македонија пат. Лошо е и низ споредните улици.

„Моментално е добро. Чисто. Чиста е чаршијата, улиците. Мислам дека може и подобро да биде“.

„Секако дека секогаш може подобро. Се е господава работа. Господ го дава, господ го зема“.

„Мислам дека локалните власти ги изненади снегот, затоа што падна во поголема количина, отколку тие што очекуваа“, реагираат граѓаните.

Низ струшките села иако на терен е механизација која чисти, сепак има и такви кои доброволно излегле да чистат.

„Благодарение на Љуљзим Мена од село Мислодежда, тој доброволно има исчистено пат во должина од 50 километри, од село Татеши, Богојци, Брчево, Пресовјани, Мислодежда. Општината има исчистено до Татеши, од тука исчисти Мена, на кого сме му благодарни“, вели Шеријат Арслани-жител на село Богојци.

Слична е сотојбата и во Охрид. Многу улици и патишта и овде се целосно под снег, а снегот комплетно го парализира регионот. Инаку од од 13:30 часот укината е забраната за тешки товарни возила на патниот правец Струга – Ќафасан, но и за Кичево – Охрид, преку Пресека и за Ресен Охрид, преку Буково. Се уште важат забраните за планинскиот превој Плетвар, за тешки товарни возила, односно возилата се пропуштаат наизменично и редуцирано. За Тетово – Попова Шапка, на сила е забрана за тешки товарни возила и автобуси. За Дебар – Струга и обратно, Битола – Ресен и Гостивар – Кичево преку Стража, крак Маврово – Дебар и Крива Паланка граничен премин Деве Баир, на сила е се уште забраната за тешки товарни возила.

Мики Трајковски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button