
Трите канадери кои после 2014 година, дури летово беа ставени во функција, можат повторно да бидат приземјени. Дел од постоечките пилоти се пред заминување во пензија. Сега од Владата ќе се бара дополнителен кадар. Секој канадер, според европските регулативи, треба да го опслужуваат најмалку по тројца пилоти. Но, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Беким Максути, не кажува уште колку пилоти им се потребни.
„… Со информација до Влада се имам обратено. Да, во иднина ќе ни треба дополнителен кадар. Ќе имаме за брзо конкурси во Дирекцијата за заштита и спасување, со кој треба да ги пополниме испразнетите места. Поради пензионирање ни заминува дел од екипажот…“, изјави Беким Максути- директор на Дирекција за заштита и спасување.
Ако нема доволно кадар, тогаш канадерите не можат да бидат целосно во функција затоа што, според меѓународните регулативи за овој вид авиони, еден пилот смее да лета најмногу 6 часа во текот на денот. Друг проблем се и немањето доволно пари, вели Максути. Моментално буџетот им е околу 5 милиони евра.
„…Ако гледаме што се случува околу нас, насекаде во светот, колку и средства да одвојуваме мислам дека не се доволни“, нагласи Беким Максути- директор на Дирекција за заштита и спасување.
Инаку, некои од земјите од нашето соседство воопшто и немаат вакви авиони, како што се Србија, Албанија и Бугарија. Што се однесува до актуелните пожари кај нас, од Центарот за управување со кризи известија дека вчера имало 19 пожари на отворен простор и оти сите биле изгаснати. Голем пожар на отворено избувнал денеска на границата со Грција помеѓу Богданци и Дојран, при што експлодирале најмалку 4 гранати од Првата Светска војна.
Мики Трајковски