ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Кандидатите за ректор на ДУТ на прво јавно презентирање на платформите

Кандидатите за ректор на ДУТ на прво јавно презентирање на платформите

За првпат во историјата на Тетовскиот универзитет кандидатите за ректор меѓусебно дебатираа за нивните планови за универзитетот. Присутни беа кандидатите Башким Зибери, Миќереме Руси и Дервиш Алими. Не дојде кандидатот за кого се вели дека е од ДУИ, Јусуф Зејнели. Тој не го ни оправда своето отсуство, со што се чини покажа нетранспарентност и негрижа кон трката за прв човек на најголемиот албански универзитет во земјава.

Advertisements

Башким Зибери рече дека неговата платформа се фокусира на студентите, вети научно-истражувачки лаборатории, зголемена меѓународна соработка и подигнување на квалитетот на образованието.

„Студентите имаат свој свет и ние треба да им дозволиме да развијат независен свет, а не диктиран од другите. Ако не успееме да го направиме тоа, нема да создадеме инклузивно општество во рамките на универзитетот и воопшто како општество надвор од него. Другиот дел е стратешкиот развој на универзитетот. Потребни ни се капитални инвестиции, на пример Медицинскиот факултет сè уште нема сопствен објект и сите заедно треба да работиме да почнеме со капитални инвестиции, секој факултет да има свој објект“, изјави Башким Зибери, кандидат за ректор на УТ.

Миќереме Руси пак, вети дигитализација на услугите, поволности за студентите кои доаѓаат од странство, но и за професорите кои аплицираат за научно-истражувачка дејност.

„Сите професори на овој универзитет, сите научни и академски вредности што ги имаат, ги постигнале на свој трошок. Досега немавме поддршка, ниту за патување на меѓународни конференции, а за да го достигнеме ова ниво направивме лични инвестиции во однос на професионализам, академски достигнувања, академски звања. Врз основа на програмата што ја имам мислам дека се издвојува посебен фонд за истражување, научно истражување за професори кои ќе покажат интерес“, рече Миќерем Руси, кандидат за ректор на УТ.

Дервиш Алими вети дека ќе ја зголеми меѓународната соработка и же инсистира државата да му даде поголемо значење на ДУТ. Тој го обвини поранешното раководство за мешање во изборите.

„На крај не е резултатот како ќе испаднат гласовите, тоа е она што му претходи на гласањето. Се осмелувам да кажам, не може старата структура да наредува кој кандидат има предност. Еве се случува, јавно ова е мојот кандидат – вели поранешниот ректор… Има многу сведоци кои тоа го слушнаа со свои уши, не е проблем – нивно легитимно право, но нема право да си остава наследник. Впрочем, ова не е приватна сопственост“, изјави Дервиш Алими, кандидат за ректор на УТ.

Дебатата ја организираше Форумот за промени во образованието. Првиот конкурс за нов ректор на ДУТ беше проследен со низа скандали поради кои беше повлечен. Потоа беше објавен нов, но и за него имаше критики. Кандидатот кој им беше главна мета на критиките, како за отсуство на морал, така и за работење под диктат на ДУИ, Јусуф Зејнели, избегнува секакво јавно појавување, вклучително и оваа дебата.

Ардит Рамадани

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button