Касами ќе бара да се провери безбедноста на виталните објекти
Касами ќе бара да се провери безбедноста на виталните објекти

Во Тетово има околу 1500 градби изградени без дозвола, како и надградби во колективните згради, што претставува потенцијален ризик во случај на земјотреси или пожари. Првиот човек на општина Тетово Билал Касами, рече дека по анализата на овие субјекти побарал од Министерството за транспорт, да ги провери дали се изградени во рамките на градежните стандарди, и дали се безбедни за живеење со цел спречување од некоја можна катастрофа. Од општина Тетово е упатено барање до Министерството за транспорт да се направат проверки на институциите во Тетово, како училишта и други, изградени пред 1950 година, дали нивната стабилност е добра или не, за да се преземете мерки навреме.
„Ќе испратиме барање до Министерството за транспорт да се проверат зградите изградени пред 60-тите години, односно да се направат сеизмички мерења колку се безбедни овие објекти, со посебен акцент на јавните објекти, училиштата и градинки кои се изградени пред 60-тите. Ќе инсистираме и оние објекти што имаат надградба да имаат соодветни студии за нивна стабилност од земјотреси“, рече Билал Касами, градоначалник на Тетово.
Според првиот човек на Центарот за заштита и спасување, главна грешка кај градбите во Тетово се токму надзорниците на градежните работи. Во дописот од инженерите се предвидени сите безбедносни елементи, и врз основа на тој документ се дава дозвола но надзорниците најчесто не го реализираат тоа што го напишале на хартијата.
„Законот за градење предвидува изведувачот да направи извештај за објектот, без разлика дали ги вклучува или не заштитните мерки предвидени во дописот. Но, тука имаме многу проблеми, бидејќи фирмите се приватни и потпишуваат без разлика дали сите потребни работи ги има во документацијата или не“, изјави Ариф Арифи, Центар за заштита и спасување.
Универзитетскиот професор по градежништво, Шинаси Зејнели од градежниот факултет, предупредува дека градежниците треба да внимаваат на квалитетот на бетонот и челикот што го користат при изградбата и покрај тоа што производителите на бетон во Тетово последните години нудат квалитетен бетон.
„Пред се, бетонот мора да биде квалитетен, агрегатот да биде чист и количината на цемент да биде на вистинското ниво. За да може структурата да издржи удари и да спаси животи на луѓе, друг елемент е челикот што се користи за изградба. Повторно тука не е крајот, затоа што после три-пет години мора повторно да се направи генерален преглед на објектот, особено оние колективни згарди и градинките, домовите за стари лица, верските објекти, болниците, да се види дали ќе се појават пукнатини или не“, нагласи проф. Шинаси Зејнели, Градежен факултет УТ.
Инаку, Тетово спаѓа во осмата и деветтата сеизмичка зона каде одвреме-навреме има поизразени земјотреси. Но, дури и честите земјотреси од еден степен влијаат на ерозијата на почвата и нејзината стабилност./Алсат.мк
Башким Сулејмани