Касами ќе свикува средба на лидерите на албанските партии

Движењето Беса во текот на неделата ќе го прецизира повикот за средба на заедничката маса на албанските парламентарни партии. Од извори на албанската опозициска партија се дознава дека на средбата ќе бидат поканети сите албански партии застапени во Собранието.
„Нашиот став е дека 20% треба да се отстрани од Уставот затоа што тој е навредлив за нас како народ. На последниот попис излезе резултатот дека сме повеќе од 20%, и ќе продолжиме да бараме со сите сили во Собранието укинување еднаш засекогаш на 20%“, рече Блерим Сејдиу, потпретседател на Движењето Беса.
Останатите албански партии начелно се согласуваат да се сретнат за да ги координираат позициите и дејствијата за уставните измени. И од Алијансата за Албанците се за средба која, според в.д. претседателот на оваа партија, Таравари, треба да ја свика првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. Во случај Ахмети да не направи такво нешто, Таравари изрази подготвеност тој да закаже средба со албанските лидери. Дека средбите и координациите на албанските партии се од полза за процесите во земјава, истакна во саботата и претседателот на ДУИ, Али Ахмети, на отчетната средба во Тетово.
Во меѓувреме, Алтернатива смета дека на средбата треба да се даде поддршка и за нивното барање во Уставот да се вметне незастарувањето на кривичните дела – злоупотреба на службената положба. Премиерот Димитар Ковачевски говорејќи за условите кои ги најавија албанските политички партии за процесот на уставни измени, рече дека на сите политички чинители приотритет треба да им биде продолжување на патот до ЕУ, со завршување на скрининг процесот и отворање на преговарачките поглавја.
Адријан Керими