Касами: По Извештајот на ЕУ, што побрзо избори

Критичкиот извештај на Европската комисија беше очекуван од опозицијата. Првиот човек на Беса Билал Касами вели дека извештајот само документирал што е реалноста во областа на корупцијата и пристрасното судство.
„Скандалите и злоупотребите на службените позиции не само што не се казнуваат, туку напротив со последните случувања во правосудниот сектор со измените, покажуваат дека можеби извештајот е малку поизбалансиран од реалноста што ја живееме. Затоа, сметаме дека најпотребно е што поскоро да има избори, што поскоро да имаме нова влада која сериозно ќе ги сфати извештаите за напредокот и ќе има мапа на својот пат кон решавање на проблемите на граѓаните“, рече Касами.
Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ во интервју за Алсат вели дека власта ја обвинува опозицијата за извештајот, но ги има сите институционални механизми во рака да има позитивни резултати на многу полиња.
Власта го гледа извештајот со „розови очила“. Според нив, земјава бележи напредок во многу области и уназадување во ниту една област.
Во извештајот на Европската комисија се нагласува дека нема напредок во судството, дека корупцијата останува широко распространета во многу области и упатува критики за владеењето на правото, политичката поларизација во Собранието и злоупотребата на знамето на ЕУ при донесувањето на законите.
Фатлуме Дервиши