Касами: Судската покана е оркестрирана од ДУИ и Алијанса

Лидерот на Беса и градоначалник на Тетово, Биљал Касами е убеден дека и поканата да се појави на суд за посетата на косовскиот премиер Албин Курти, исто како и самата пријава е дело на албанските партии од власта. Тој е повикан лично да се појави од Основниот суд во Тетово на 15 септември да даде објаснувања зошто не била интонирана химната на Македонија и не било истакнато државното знаме за време на посетата на Курти.
„Поканата до мене и до градоначалникот на Чаир е упатена по нивно барање и насоки. Тие се обидуваат да ги искористат сите механизми што ги нуди власта за заплашување на граѓаните преку заплашување на градоначалниците на двете најголеми општини на Албанците во Северна Македонија. Но, уште еднаш повторувам дека времето на кризи помина и сега граѓаните се решени да направат промени по 20 години неуспешна власт на ДУИ“, рече Касами.
Прашање: Дали се јавивте во полициска станица?
„Не, немам време да се јавам“, рече Касами.
Прашање: Дали се плашите дека може ќе бидете уапсени?
„Знаат каде сум. Нека прават што сакаат“, одговори Касами.