Касами тврди дека кучиња во Тетово се носат од други градови

Зголемувањето на бројот на кучињата скитници во градот Тетово ја алармираше општината. Градоначалникот на Тетово Билал Касами рече дека состојбата уште повеќе ја влошува тоа што кучињата скитници во овој град се носат и од други региони.
„Имаме основани сомнежи и пријави од граѓаните дека во текот на ноќта возила со регистарски таблички од Куманово, Скопје и други градови, на периферијата на градот носат кучиња и ги пуштаат во Тетово. Тоа е проблем што треба да се реши, затоа што и ако општината Тетово обезбеди средства за собирање на 1000 кучиња скитници, можеме да станеме место кое ќе ги привлекува кучињата кај нас. Најлесно е да се даде некому 500-1000 евра да ги товари овие кучиња и да ги испрати некаде“, вели Касами.
Од здружението кое е ангажирано од општината за фаќање и третирање на кучињата скитници нагласуваат дека бројот на кучиња почнал да се зголемува од денот кога почнале да ги евидентираат.
„Во Тетово, извинете што ќе кажам, но во моментот кога почнавме да ги ловиме кучињата, во текот на ноќта бројот наеднаш се зголеми. Што значи дека некој го видел тоа и носи кучињата однадвор и ги пуштаат тука“, вели Риниса Реџепи Тоска, здружение за третман на кучиња, „Амос Пет“.
Големиот број на кучиња скитници предизвикува постојани главоболки кај жителите на Тетово. Имаше поплаки и за напади врз граѓани. Во Полошкиот регион следната година се очекува да започне изградбата на прифатилиште за бездомни кучиња во полошкиот регион, кое ќе биде лоцирано во општина Врачиште.
Башким Сулејмани