Касами: Уставни измени за промени на грбот и отстранување на формулацијата 20%

ВЛЕН се согласува со отворање на дебатата за промена на грбот и другите државни симболи, но под услов пакетот измени да биде поширок. Лидерот на Беса Билал Касами рече дека идејата ја покренал премиерот на средба со челниците на ВЛЕН, но нема конкретен договор. Касами, запрашан за поранешниот предлог на лавот, вели дека не сака да прејудицира како ќе изгледа грбот, туку дека тоа треба да биде резултат на инклузивна дебата.
„Нашиот став како коалиција ВЛЕН е даден дека доколку сакаме да зборуваме за такви измени, тоа треба да биде во рамките на пакетот уставни измени што ќе опфати ревизија на сите оние симболи на државата кои доаѓаат од минатото, но во исто време, и за она на што инсистираме како коалиција ВЛЕН, отстранување на потценувачката дефиниција за албанскиот јазик- 20%“, вели Касами.
СДСМ е против промена на државниот грб и државната химна. Велат дека остро ќе се спротивстават.
Премиерот Христијан Мицкоски државниот грб го нарече постсоцијалистички, и рече дека Македонија останува една од двете земји кои сè уште го имаат стариот грб со одредени модификации. Тој потврди дека оваа тема е отворена.
Иницијатива за промена на грбот пропадна во 2014 година и покрај напорите на ДУИ да им наметне на Албанците промена на грбот на Македонија, според желбата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски. Новиот симбол на грбот ќе биде жолтиот лав исправен на две нозе, што е идентично со логото на ВМРО. Тоа не беше проблем за тогашната владејачка партија, која велеше дека лавот е исто така и албански симбол и дека се употребува во општина Драч.
Фатлуме Дервиши