Катар: Мировните преговори во Газа во ќорсокак поради израелскиот напад на Рафах

Преговорите за прекин на огнот во Газа дојдоа во ќорсокак поради израелските операции во Рафа, изјави во вторникот катарскиот премиер Шеик Мохамед бин Абдулрахман Ал Тани.
Израелските операции во Рафа, кои започнаа овој месец, го затворија главниот влез за хуманитарна помош од Египет до Појасот Газа. Хуманитарните организации предупредуваат дека тоа ја влоши и онака лошата ситуација во палестинската енклава.
„Особено во последните недели видовме дека се постигнува моментум, но за жал работите не тргнаа во вистинска насока и сега сме речиси во застој. Се разбира, она што се случи со Рафа нè врати назад“, рече шеикот Мохамед на економскиот форум во Доха.
Катарскиот премиер најави дека Доха ќе продолжи да работи на изнаоѓање решение за мир во Газа. Неговата земја посредува меѓу палестинското милитантно движење Хамас и Израел.
Шеикот Мохамед рече дека главното несогласување меѓу двете страни е ослободувањето на заложниците и прекинот на борбите.
„Едната страна сака да го прекине конфликтот и потоа да зборува за заложници, а другата сака заложници и продолжување на војната. Се додека не се најде заеднички јазик меѓу тие две позиции, нема да дојдеме до решение“, изјави катарскиот лидер.