Катедра за македонски јазик и лекторат на Универзитетот во Анкара
![](https://alsat.mk/mk/wp-content/uploads/2022/05/azbuka.jpg)
Со прв, промотивен час што вчера се одржа на Факултетот за јазици, историја и географија, почна да работи Катедрата за македонски јазик со лекторат на Универзитетот во Анкара. Новиот лекторат е отворен по речиси 15 години од претходно отворениот – на Универзитетот во Риека. Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ) соопшти ддека е постигнат успех од историско значење за македонистиката.
– Започнуваат со работа нова македонистичка катедра и нов лекторат по македонски јазик на странски универзитет – на престижниот Анкарски универзитет во Турција. Вчера, салата на Факултетот за јазици, историја и географија на Анкарскиот универзитет беше мала за да ги собере сите кои беа заинтересирани да го проследат првиот промотивен час по македонски јазик. Ова е конкретна потврда дека залагањата и вложувањата за интензивирање и унапредување на соработката со странските високообразовни и научни институции веќе даваат забележливи резултати во развивањето на македонистичките студии во странство, сега и со отворање нови странски македонистички центри, истакнува директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.
Покрај голем број студенти, на предавањето присуствуваа и членови на Здружението на Турци по потекло од Македонија, заинтересирани да го изучуваат македонскиот јазик.