ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Кацарска: Новинарите можат да влегуваат со мобилни телефони, судот максимално ќе го отворам за јавноста

Бев изненадена кога слушнав дека на вас новинарите ви е забрането да влегувате со мобилни телефони на седниците на Судот. Тој проблем е решен, кога дознав за тоа веднаш дадов налог на генералниот секретар и веќе е известено внатрешното обезбедување дека од наредната седница ќе влегувате слободно со вашите мобилни телефони, изјави денеска претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.

Таа во изјава за медиуми по повод одржување на тркалезната маса на тема „Транспарентност и соработката на Уставниот суд со новинарите и граѓанските организации“, посочи дека Судот максимално ќе го отвори за јавноста.

– Точно е дека Судот е максимално затворен, точно е дека во последниве години наместо да се оди на отворање на Судот, се повеќе се затвораше. Затоа барав да ме информираат дали е донесена некоја одлука, заклучок, било што од страна на судиите на Уставниот суд, но ми кажаа дека нема одлука, едноставно било кажано дека веќе новинарите не смеат да користат мобилен телефон, како што реков тоа е веќе завршено, посочи Кацарска.

Претседателката на Уставниот суд појасни дека е отворена за соработка и дека ќе најде начин Судот да биде отворен, бидејќи како што рече, јавноста мора да знае за неговата работа.

– За се друго отворена сум за соработка, се надевам дека ќе најдеме начин и барам од вас помош да ми кажете што е проблемот, каде вие наидувате на проблем со Уставниот суд и да видам што може да се направи за да судот максимално се отвори, додаде таа.

Прашана дали истото важи и за камерите, Кацарска рече дека ова прашање ќе го истакне на првиот колегиум, а ќе го види и искуството на европските судови.

– Ова прашање околу камерите ќе го истакнам на првиот колегиум, ќе разговарам со колегите, и секако би сакала да го видам и искуството на европските судови, како е кај нив, дали е дозволено со камери да се следи судењето целосно, доколку постојат такви искуства, секако дека и тоа ќе го дозволам, појасни Кацарска.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button