ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Kацарска: Волјата на владеењето на правото е посилна од сите системско политички аномалии

Шеесет години постоење на Уставен суд е само потврда на капацитетите на нашиот систем и доказ за истрајноста и непоколебливиот пристап во изградбата на правната држава. Согледувајќи ја уставно правнaта матрица, не може а да не се констатира дека волјата на владеењето на правото е посилна од сите системско политички аномалии, рече Добрила Кацарска, претседателка на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

На отворањето на денешната меѓународна конференција „Уставно-судска заштита на слободата на мисла и слободата на јавно изразување на мислата“ по повод одбележување 60 години Уставен суд на Република Северна Македонија, Кацарска посочи дека нашата држава, минувајќи низ неколку уставни трансформации, бележи континуиран развој.

– Самиот факт што овој јубилеј е двојно подолг од нашата самостојност како држава упатува дека чуварите на Уставот, низ сите премрежја и комплекси, покажале детерминираност и наклон кон правните принципи и вредности, рече таа.

Според Кацарска, овој јубилеј дава можност да се погледне наназад, но е и обврска да се погледне во идните предизвици. Таа потенцираше дека е нужна потребата од проширување на Уставниот суд во делот на индивидуалната заштита.

– Во уставно правната теорија таа можност е дефинирана како уставна тужба или уставна жалба, во пракса, тоа би значело заштита за сите слободи и права на граѓаните, дополни таа.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button