Ќе го поддржи ли ВМРО-ДПМНЕ предлог-законот за амнестија – еве што вели Мицкоски

ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи и со амандмани ќе го блокира предлог-законот за амнестија кој сега треба да биде доставен во Собранието, дециден е претседателот на опозициската партија, Христијан Мицкоски.
Со носењето на ова законско решение, според Мицкоски, власта има намера да ги ослободи криминалците коишто служат затворски казни бидејќи, како што вели, таа тоа им го ветила.
Додаде дека со законот целосно или делумно ќе се ослободат дел од затворениците во затворите, а потоа, како што рече, „истите тие криминалци ќе се најдат на улица и ќе ѝ прават проблем на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ“.
„Преземени се обврски кон криминалците коишто се на отслужување на затворска казна, дел од нив да добијат делумна амнестија, дел да добијат целосна амнестија и потоа тие исти криминалци да се најдат на улиците и да прават проблеми на идната влада на ВМРО-ДПМНЕ, мислејќи дека на тој начин ќе добијат. Можам да ги разочарам дека идната влада на ВМРО-ДПМНЕ има јасна намера да се пресмета со криминалот од каков било облик дали се тоа вакви криминалци кои што се занимаваат со изнуда, ограбувања, рекетирање, насилство или политичките криминалци коишто денеска се дел од владата“, рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања на денешната прес-конференција.