Ќе има ли македонски војници во Украина? Еве што вели министерот Мисајловски

Министерот за одбрана, Владо Мисајловски рече дека македонски војници на украинско тло нема да има и оти тоа до сега никој не го побарал од нашата држава.
– Како земја-членка на НАТО сме четврта по ред земја во доделена помош за различна опрема за Украина. Она што оваа Влада го направи во изминатиот период е тоа што додели уште еден пакет, но сега во овој период се смени наративот во геополитиката во светот и она што можеше да се слушне е дека на масата е предлог за мир и ние сме држава која е насочена кон мирот, рече Мисајловски во одговор на новинарски прашања.
Мисајловски рече дека во мирното решавање треба да се гледа најголемата шанса, бидејќи тоа ја опфаќа и колективната безбедност.
– Најпрво има потреба за мир, а потоа ќе има потреба за дополнителна помош кон Украина особено за обновата на земјата во инфраструктура, во капацитети, но првин да се дојде до мирно решение при што ние стопроцентно застануваме зад мирно решение, рече министерот.