Ќе нема санкции против професорката Мехмеди на УТ

Дисциплинската комисија на Факултетот за уметност при Универзитетот во Тетово не презема ништо против професорката по музика Бесијана Мехмеди. Деканот на Факултетот, Нафи Јашари за Алсат изјави дека Комисијата ги разгледала жалбите на студентите, но и поплаките на професорите и било предложено студентите од трета година да не слушаат настава кај неа. За овој предлог утре ќе одлучува Советот на Факултетот.
„Како и да е во иднина процесот е во тек и ние за сите аномалии и статутарни прекршоци од страна на професорката, но и доколку има прекршоци од страна на студентите, ќе преземаме активности во континуитет. Тоа се внатрешни проблеми на Факултетот за уметност и во органите на факултетот ќе се постапува континуирано“, izjavi Нафи Јашари, декан на Факултетот за уметност
Студентите се незадоволни од одлуката на Дисциплинската комисија, најавуваат бојкот на предавањата и протести.
„Не се согласуваме со оваа одлука, организирани сме на целиот факултет, ќе соопштиме дека ги бојкотираме предавањата од прва до четврта година, ги бојкотираме сите предавања, не само кај професорката, сè до донесување на одлука, додека не се преземат мерки професорката да не држи предавања на овој факултет, не само кај нас, туку ниту со прва, ниту во втора година. Најавуваме и протест кој ќе се одржи во среда, во 14 часот, ќе започнеме кај Градската библиотека и ќе одиме до ректоратот“, рече Арди Лена, студент
Студентите се жалат на професорката Мехмеди за неетичко однесување, навреди и закани. Ситуацијата ескалираше поради статусите и емотиконите кои студентите ги користеле на социјалните мрежи. Инцидентот го потврди и шефот на Катедрата за музика Бајрамали Идризи. Професорката пак, ги отфрла обвинувањата на студентите. Сепак, тие добија поддршка од пејачи, поранешни студенти и родители. /Алсат.мк
Мефаил Исмаили