Ќе се одложи гласањето за уставните промени?

Собранискиот спикер Талат Џафери очекува на пленарната седница на 18 август да започне расправата за потребата за отворање на Уставот. Оваа седница може да трае десет дена по што се пристапува кон гласање, но Џафери ја отвори можноста гласањето да биде одложено. Односно, седницата да биде прекината, а да продолжи кога евентуално ќе се создаде двотретинско мнозинство.
„Формално Собранието ќе почне со работа на 18 август, а чинот на гласање дали ќе биде по завршување на расправата или ќе биде одложено тоа, зависи од конкретната состојба на деновите коишто течат“, рече Џафери.
Ваквата опција претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ја оцени како „купување време“. Според него, власта ќе ја користи можноста да го одложи гласањето за уставните измени, зашто, како што вели, ако гласањето пропадне, логичен исход би бил распишување на предвремени парламентарни избори. Мицкоски повторно повика уште веднаш нацрт-амандманите да бидат ставени на гласање.
„Борбата кај поединци во Владата не е за уставните измени. Борбата е како да го поминат месец август и дополнително да манипулираат со граѓаните и со јавноста, бидејќи се под притисок за избори наесен, а избори наесен за дел од владините министри коишто се дел од помалиот коалиционен партнер СДСМ, ќе значи крај на нивната политичка кариера, но исто така и за дел од министрите коишто се дел од Демократската унија за интеграција“, рече Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски истакна дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ на пленарната седница на 18 август ќе гласаат против дневниот ред, на кој ќе се најде точката за потребата за отворање на Уставот. Во однос на наредните чекори на партијата во Собранието, тој најави дека ќе се консултира со пратениците.
Лука Андреев