КОШАРКАСПОРТ

КФМ подготви нова стратегија до 2029 година

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ), врз основа на заклучоците од состаноците со екипите од сениорските лиги, ја претстави стратегијата за периодот од 2025 до 2029 година. Врз основа на сеопфатна анализа на младинските и сениорските лиги, како и на финансиските и административните обврски на клубовите од минатите сезони, КФМ објави нова стратегија за стабилен и квалитетен натпреварувачки систем. Целта на оваа стратегија е да обезбеди системски развој, јасни насоки за напредок, како и фер и дисциплинирано натпреварување, велат од Кошаркарската федерација на Македонија.

Advertisements

Во машката младинска конкуренција од сезоната 2025/2026 ќе функционираат првенства до 12, 14, 16, 18, како и до 20 години, реактивирана како развојна лига, мост кон сениорска конкуренција. Целта е да се обезбеди квалитетна подготовка на младите играчи пред влез во сениорска кошарка. Во женска конкуренција ќе функционираат првенствата до 12, 14, 16 и 18 години. Со оглед на малиот број женски сениорски екипи и природната интеграција на девојките од 19-20 години во тие тимови, не се предвидува посебна лига за кошаркарки до 20 години.

Кај сениорските лиги, во машка конкуренција, во Суперлигата (поранешна Прва лига), во сезоната 2025/2026 ќе има 12 екипи, а од 2026/2027 вкупно 10. Право на настап ќе имаат четири странски играчи (најмногу тројца истовремено на терен во регуларниот дел од сезоната, а без ограничување во плејофот). Во Првата лига (поранешна Втора лига) ќе има 12 екипи, според пласманот од сезоната 2024/2025 и клубови од Третата лига со посебна покана (вајлд-карта), ако ги исполнат условите од лиценцниот систем. Во тимовите од Втората лига право на настап има по еден странец. Аматерската лига (поранешна Трета лига), ќе функционира како посебна сениорска лига, одвоена од првенството за кошаркари до 20 години, која преминува под младинскиот натпреварувачки систем, пишува КФМ.

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button