
Привременото запирање на американската воена помош за Украина, воведена од американскиот претседател Доналд Трамп, се чини дека е обид да се принуди Киев да капитулира според руските услови, изјави денеска претседателот на Комисијата за надворешна политика на украинскиот парламент, Олександр Мережко.
„Сега да се прекине помошта значи да му се помогне на Путин. На прв поглед ова изгледа многу лошо. Изгледа како да нѐ принудува да капитулираме, што значи прифаќање на руските барања. Најважно е дека ова е психолошки удар, политички удар за Украина, тоа не му помага на нашиот дух“, изјави Мережко за Ројтерс.
Тој, временото стопирање на воената помош од страна на САД ја спореди со Минхенскиот договор од 1938 година, кога нацистичка Германија доби дозвола да анектира дел од Чехословачка.
„Ова е полошо од Минхен, бидејќи барем таму не се обидоа да ја прикажат Чехословачка како агресор, туку овде се обидуваат да ја обвинат жртвата за агресија, а тоа е крајно опасно“, заклучува украинскиот пратеник.
Одлуката за прекин на помошта уследи по вербалниот судир со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Белата куќа во петокот, кога Трамп го обвини Зеленски дека не е доволно благодарен за поддршката на Вашингтон во војната со Русија.