Кина предупредува од склучување трговски договори со САД
Кина предупредува од склучување трговски договори со САД

Кина денеска (21 април, 2025) се закани со контрамерки против земјите кои ги „смируваат“ САД со склучување трговски договори со Вашингтон на штета на Пекинг.
Предупредувањето следи по извештајот на Блумберг дека САД планираат да извршат притисок врз државите да ја ограничат трговијата со Кина доколку сакаат да избегнат огромни нови американски царини на нивниот извоз, кои претседателот Доналд Трамп ги најави претходно овој месец.
Администрацијата на Трамп вели дека десетици нации сакаат повторно да преговараат за трговијата за да го спречат стапувањето во сила на новите американски царини, кои ќе го нарушат нивниот извоз во најголемата светска економија.
Новите царини се ставени на чекање 90 дена за сите земји освен Кина, која се соочува со американски давачки до 145%. Пекинг возврати со зголемување на царините на американскиот увоз на 125%.
Што порача Пекинг?
Кинеското Министерство за трговија денеска издаде соопштение во кое инсистира дека таканареченото „смирување“ нема да донесе мир и компромисот нема да биде почитуван.
Министерството ги предупреди другите земји да не ги ставаат „привремените себични интереси на сметка на другите“, што, како што наведе, „на крајот ќе пропадне на двата краја и ќе им наштети на другите“.
Кинески транспортни контејнери и американското знааме, како симбол за трговскиот конфликтКинески транспортни контејнери и американското знааме, како симбол за трговскиот конфликт
Кинески транспортни контејнери и американското знааме, како симбол за трговскиот конфликтФотографија: Mark Ralston/AFP
„Кина цврсто се противи на која било страна да постигне договор [со САД] на сметка на кинеските интереси“, се вели во соопштението.
Министерството додаде дека Пекинг „решително ќе преземе реципрочни контрамерки“ против секоја држава која ќе постапи на ваков начин.
Трамп: Кина и САД исто така во разговори
На почетокот на месецов, американскиот претставник за трговија Џејмисон Грир рече дека речиси 50 земји му пристапиле за да се обидат да ги избегнат новите царини, за кои Трамп вели дека ќе ги решат огромните трговски нерамнотежи меѓу САД и остатокот од светот.
И покрај влошената реторика меѓу Вашингтон и Пекинг, Трамп минатата недела рече дека разговори со Кина за царините исто така се во тек.
„Да, разговараме со Кина“, им рече Трамп на новинарите во Овалната соба. „Мислам дека ќе направиме многу добар договор со Кина“.
Пекинг се’ уште не ги потврдил ваквите разговори и најави дека ќе се бори „до крај“ во трговската војна. /DW