
Кина моментално ги проценува предлозите на Соединетите Американски Држави за започнување трговски разговори, сигнализирајќи можност за смирување на трговската војна.
Портпаролот на кинеското Министерство за трговија изјави дека САД неодамна испратиле повеќе пораки до Кина надевајќи се дека ќе започнат разговори.
„Кина моментално го оценува ова“, вели тој.
Овие коментари сигнализираат омекнување на ставот на Пекинг, кој беше цврст поради зголемените тензии со САД поради царинската војна на претседателот Доналд Трамп.
Трамп постојано повторува од минатата недела дека неговата администрација е во разговори со кинеските претставници за склучување трговски договор, но тоа секогаш наидуваше на категорични негирања од Пекинг, пишува Си-ен-ен.
Пекинг, пак, повтори дека во какви било преговори ќе бараат исполнување на некои предуслови.
„Царинската и трговска војна беше еднострано иницирана од САД и ако сака да преговара, мора да покаже вистинска искреност – што вклучува подготвеност да ги исправи своите грешки и да ги откаже едностраните зголемувања на царините“, рече портпаролот.
Тој додава дека ставот на Кина останува конзистентен: „Ако е борба, ќе ја издржиме до крај. Ако е разговор, вратата е отворена“.