
Роднините на жртвите од трагедијата во Кочани, денеска излегоа на улица да бараат неселективна правда за 62-те млади луѓе, кои вечерта на 16 март трагично ги загубија животите додека се забавуваа во дискотеката „Пулс“. Маршот, кој го носи името „За ангелите“ во чест на жртвите, е континуиран повик до властите да не се поштеди ниту едно одговорно институционално лице, но и повик за поддршка од сите граѓани за да стават крај на криминалот и корупцијата, кои се споменуваат како главни причини за оваа трагедија.
Покрај роднините, тука се и пријателите, поддржувачите и граѓаните, кои симболично маршираат револтирано, но тивко и со солзи во очите, држејќи свеќи, слики од жртвите со црна панделка и транспаренти кои повикуваат на правда и одговорност. Рутата е вообичаена. Од Паркот на Револуцијата, до просториите на Општината и Полициската станица, а потоа до зградата на Судот и Јавното обвинителство.
Прашањето кое најчесто може да се слушне од членовите на семејството кои покажуваат со прст кон општината, инспекторатот и полицијата е зошто дозволиле да функционира ноќен клуб кој не ги исполнува минималните законски критериуми. Роднините, но и јавноста, со право дискотеката Пулс ја нарекуваат штала, а не кабаре, како што стои во фалсификуваната лиценца. Во овој објект немаше систем за противпожарна заштита и хидранти, нешто што е неопходно, особено ако се има предвид дека се организирале забави со стотици луѓе.
Трагичен е фактот што ноќта на катастрофата во објектот имало повеќе од 500 лица. И покрај законската обврска, за планот за евакуација и втората врата, објектот имал само една врата.
Обдукциските наоди потврдија дека најголем дел од жртвите не биле изгорени, туку задушени, а меѓу нив имало и некои кои биле згазени од толпата која се обидела да го напушти објектот. Притоа, околу 200 лица беа повредени. Многу од нив, дури и речиси четири месеци по трагичната ноќ, продолжуваат да имаат сериозни физички, како и психолошки последици./Алсат.мк
Суад Бајрами