Кочовски: Во тек е постапка за изградба на обиколница од Вевчани до Горна Белица

Во тек е постапката за изградба на обиколница од Вевчани до Горна Белица, информира денеска градоначалникот на Општина Вевчани, Спасе Кочовски.
Според него, обиколницата треба да почне од влезот на Вевчани, од местото викано Суво Поле, прку земјоделско земјиште, кон месноста Бели брег, да се поврзе со постоечкиот пат за Горна Белица и потоа да продолжи до селото Вишни.
– Изградбата на обиколницата е битна за развој на заштитеното подрачје Вевчани. Претставува важна врска со населбата Вевчани со излетничкото место Јанков Камен, туристичката и викенд населба Горна Белица, како и повисоките планински предели на Јабланица што е особено важно за развој на планинскиот и руралниот туризам на Општина Вевчани и пошироко, истакна Кочовски.
Делницата, како што појасни, ќе поминува низ зоната за одржлив развој на планот каде се дозволени линиски инфраструктурни градби. Влезен е како регионален пат Вевчани – Вишни, а точната реализација ќе биде прецизирана во проект, кој наскоро треба да биде изработен.