
Давањето на грчка компанија да го гради хидросистемот Чебрен е најголемата грешка досега во домашната енергетика, криткуваа учесниците на дебата во Битола каде експерти ги изнесоа своите гледања за овој енергетски проект. Имено, Грчката фирма ППЦ – Архиродон ја доби концесијата за користење на водата на Црна Река за производство на струја. Предвидено е централата на државата да ѝ биде дадена во владение по 60 години од изградбата.
„Животниот век на централите траат 40-50 години. Што ќе ни е она што ќе ни го вратат назад, кога тоа ќе биде руинирано. Нашите деца, од нивниот животен работен век нема да ја искористат таа енергија. Кога би се вратила таа централа назад, таа би била тотално руинирана и тотално бескорисна“, вели Зоран Митрески-енергетичар.
„Нас ни се случува еден директен напад врз природните ресурси на Македонија, пред сè на водата…“, оценува Оливер Димов-инженер-металург.
Според договорот, струјата која ќе биде произведена, државава ќе ја купува на берза.
„…Во таа ситуација имаме свои води, своја река, своја брана, свој хидросистем, меѓутоа цената на енергијата која би ја добивале од нив, би била по иста берзанска цена…“, додава Зоран Митрески -енергетичар.
Професорот од Техничкиот факултет во Битола, Дејан Трајковски, оцени дека доколку самата држава го гради Чебрен со 150 милиони евра учество и 450 милиони кредит, тогаш инвестицијата би се отплатила за само 19 години од почетокот на производството.
„Предложениот проект, иако не би требало да биде губитен, сепак би значел задоволување само со ронките. Просто е неверојатно со каква упорност го туркаат овој проект“, вели Трајковски.
Предвидено е изградбата да заврши за седум години, а вредноста на договорот е 1 милијарда евра. Во последните 20 години беа објавени дури 13 тендери за Чебрен, од кој ниту еден, сè досега, не беше успешен.
Мики Трајковски