Кои општини ќе добијат пари од унгарскиот кредит

Општините наскоро ќе ги добијат парите за реализација на проектите кои ги доставија до Владата, а кои треба да бидат финансирани преку унгарскиот кредит, во висина од 500 милиони евра. Но, дали за сите проекти ќе има пари ќе се знае откако ќе заврши процесот на нивна евалуација од страна на шест министерства, а кој е во завршна фаза. Министерката за финансии, Кочовска, вчера во Будимпешта го потпиша договорот со унгарската Ексим банка за договорениот заем.
„Секој момент очекуваме да стигнат нивните предлог одлуки, за да на владина седница се усвојат. Кога ќе заврши процесот на евалуација, тогаш ќе ги ставиме на следна владина седница, дури и ако завршат пред вторник, можеме да свикаме и вонредна седница со цел да не губиме денови“, рече Златко Перински, министер за локална самоуправа.
До Министерството за локална самоуправа пристигнале 350 проекти од страна на 80 општини. Перински очекува дека до пред одржувањето на престојните локални избори наредната година, да биде донесен новиот закон за локална самоуправа, со кој што ќе се овозможи градоначалниците предвреме да бидат отповикани од функцијата, доколку постои основ за одговорност. Со постоечкиот закон, таква можност не постои.
„Тоа ни е нас намерата да стигнеме до новите мандати да бидат со ново законско решение. Сакаме со овие законски измени да им дадеме можност на оние кои ги избрале, истите и да ги отповикаат. Овој закон е постар повеќе од две декади и е навистина зрел за промени“, рече Перински.
„Ќе добиеме се надевам модерен закон за локална самоуправа, кој за нас како градоначалници би ни ги олеснило работите и би ни проширил одреден број на ингеренции и секако можноста за одговорност“, изјави Кирил Пецаков-градоначалник на Охрид.
Наредната недела почнува процесот на експертска дебата на утврдување на слабостите на постојниот закон.
Мики Трајковски