„Кој е следен“ започна со поднесување на барања во врска со трагедијата во Кочани

Граѓанската иницијатива „Кој е следен“ започна со поднесување на барањата во врска со трагедијата во Кочани. Претставниците на оваа иницијатива велат дека формалното поднесување доаѓа откако нема реакција на барањата што се презентирани минатиот месец. Омер Мухамеди од оваа иницијатива најави и протест за утре, кој ќе започне пред Владата и ќе заврши пред Кривичниот суд, каде што меѓу другото ќе се бара правда и за 22-годишната Теодора Ристовска..
„Иако нашите барања беа подготвени и презентирани пред јавноста уште од минатиот месец, немаме никаква реакција од страна на надлежните институции за спроведување на овие барања, поради што од денес започнуваме со формално поднесување преку архивата до сите институции за кои сметаме дека се надлежни… Утре од 18:00 часот ќе се одржат протести, маршрутата ќе биде од Владата, а клучната точка ќе биде пред Судскиот совет, бидејќи знаеме дека Судскиот совет е органот што требаше да покрене дисциплинска постапка против судијата Елведин Ферати, кој ја донесе одлуката за Теодора“, рече Мухамеди.