Кој гради во кампот Ливадишта кај Струга – Зијадин Села со обвинувања кон Рамиз Мерко

Молк во општина Струга по директните обвинувања од лидерот на Алијанса на Албанците, Зијадин Села, дека во автокампот Ливадишта, кое е во сопственост на Електрани на Македонија и каде заменик-директорот е од редовите на ДУИ, се градат викендички. Според Села, станува збор за проект на градоначалникот Рамиз Мерко и негови блиски и тоа на земјиште кое е во сопственост на Електрани на Македонија. Алсат побара став од локалните власти, но одговор не добивме.
„Овој нов криминал во урбанизмот и животната средина се случува само после една недела откако нивната партија го објави своето ребрендирање во зелена партија“, пишува Села на Фејсбук.
Од Алијанса апелираа Владата да ја запре оваа, како што велат, нелегална градба и да се активираат инспекторатот и обвинителството.
Од Електрани велат дека нивните компанија Елем Турс, секоја година со актуелните кампери, ги обновува договорите за закуп на приколка или за простор за поставување на сопствени објекти.
„Тоа значи дека не се работи за тврда градба, туку за привремен објект. Закупецот, пред поставувањето на сопствената приколка, како и во досегашната пракса, треба да постави бетонски базамент… Досега, не е евидентирано дека градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, има склучено договор за закуп…“, велат од ЕСМ.
Она што можевме да го видиме на лице место е дека освен бетонска подлога, поставена е и конструкција за објектите. Реагираа и од граѓанскиот сектор.
„Не знам конкретно дали некој некого штити, но фактот што вакви узурпации се случуваат секојдневно и после актуелните за кои сите сме свесни, факт е дека некој овие индивидуи ги стимулира, поддржува и мотивира во нивната намера и цел, да узурпираат и да фаќаат јавни површини кои се од интерес за сите нас“, рече Ардијан Демири-граѓански активист.
Демири смета дека државата има две опции кои треба да ги примени во Струга. Едната е да побара од општината да преземе мерки за нелегалното градење, а доколку тоа не го стори, тогаш втората опција е владата да донесе одлука за одземање на ингеренциите на општината во делот на урбанизмот и проблемите да ги реши централната власт.
Мики Трајковски