Колешки со најдобрата пријателка, да или не?


Алсат
26.04.2020 11:32
Не знам дали ви се случило досега да бидете во компанија каде сте работеле со најдобрата пријателка. Овде не мислам на девојка која таму сте ја запознале, а притоа ви станала пријателка(иако и ова има последици) туку за онаа пријателка која ја знаете цел живот, девојката со која делите приватни моменти, излегувате, зборувате за врски, момчиња, брак во зависност на која возраст сте биле кога сте работеле.
Моето искуство на темава е за среќа позитивно во најголем дел, иако доколку сега би се вратила назад веројатно не би се одлучила на заедничко работење. Причини има многу како на пример:
- Ако вие сте ја препорачале, тогаш за секоја нејзина негативна постапка шефот прво вас ќе ве праша зошто е тоа така
- Ако пак не дојде на работа, повторно вие ќе бидете првиот човек кој ќе го прашаат
- На проекти најчесто ќе ве ставаат заедно ако сте во истиот сектор. Една од вас секогаш ќе сработи повеќе, а ако премине во навика, тогаш ќе носи само фрустрации.
- Тоа што таа е ваша најдобра пријателка не значи дека ќе биде ваша совршена колешка. Луѓето се менуваат во работна средина.
Ова се дел од негативните работи со кои ќе се соочите. Но, за среќа има и некои позитивни придобивки.
- Кога вие ќе сакате да не доаѓате на работа заради тоа што ви се спие, таа ќе ве “извади” пред шефот.
- Ако вчера сте биле излезени до доцна во ноќта, ќе ви предложи да не доаѓате на работа или да дојдете, но таа ќе ја заврши вашата работа без никој да знае.
- Секогаш ќе си го чувате грбот од останатите колеги.
- На тим билдинг ќе ви биде најзабавно од сите.
Можеби не е најпаметната одлука на светот да работите со најдобрата пријателка затоа во некој период од вашето дружење и работење заедно, ќе наидете на професионална бариера која нема да можете да ја надминете ако не сте свесни двете и не вложите дополнителен труд.. Тоа ќе биде постојан тест за цврстината на вашето пријателство кој ако го поминете, никогаш повеќе нема да работите заедно. Другата алтернатива е јасна: ќе ја уништи вашата врска, за која ќе жалите години подоцна.
Пријателството се гради целиот жвиот, но како и секоја друга врска за да се сруши му треба многу малку. Размислете пред една ваква одлука, дали сте подготвени на промените кои ќе ве очекуваат.