

Алсат
28.04.2020 08:38
Владета Јеротиќ е српски лекар, психијатар и книжевник, кој специјализирал невропсихијатрија и психијатрија. Во текот на својата долгогодишна професионална дејност издал бројни книги и публикации, изработил бројни студии и често пати држел предавања во поголемите, но и во помалите градови во поранешна Југославија.
„Не знам дали е некој човек во состојба да сака ако самиот не бил сакан. Односно, колку силно нè сакале кога сме биле деца влијае на тоа колку силно ќе ги сакаме луѓето околу себе кога ќе станеме возрасни.“
Тој смета дека луѓето кои не сакале да имаат деца или кои не успеале да го засакаат детето веднаш по неговото раѓање (заради низа причини), самите дури и несвесно создаваат непријатни услови за тоа дете да израсне и да се развие во пристојна, пријатна личност која ќе знае да сака.
„Чест пример е следниов – детето во текот на денот е сведок на промена на расположението на еден од неговите родители. Секое дете овие промени ги чувствува многу силно, особено ако љубовта и омразата меѓу родителите се менуваат со брзината на светлината. Тогаш тоа не може да направи ништо друго освен заради доживеаниот страв да се развива ретроактивно и да се идентификува со родителите, а не да стане сопствена, здрава личност. Може дури и да стане недоверливо кон секој тип на љубов која ќе биде насочена кон него, без оглед на тоа дали станува збор за љубов од околината или за импулс од неговата сопствена душа“, вели Јеротиќ.
Познатиот психијатар додава дека за правилен развој на децата се најважни личните примери.
„Потребна е голема родителска љубов, бидејќи единствено таа раѓа трпеливост, смиреност, и љубов која потоа истите тие деца ќе можат да ја пренесат на своите деца и на околината кога ќе бидат возрасни.“
Сакајте ги децата за да знаат како да сакаат!