Комисијата за антидискриминација добива пари само за плати

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација не може да функционира како институција независна од власта, како што предвидува законот. Ова се должи на фактот што, според претседателката на Комисијата, институцијата зависи од Буџетот што го доделува Министерството за финансии. Претседателката Весна Бендевска вели дека Комисијата добила само третина од буџетот што го барала. Со овие пари, според неа, невозможно е да се остварат сите задачи.
Но, од Владата велат дека со парите што ѝ ги дале на Комисијата, таа може да функционира.
„Во Буџетот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација во 2022 година, за зајакнување на капацитетот на институцијата, планирани се 2 милиони денари повеќе средства во однос на 2021 година кога беа обезбедени 9 милиони денари. Дополнителни средства за капитални инвестиции не се предвидени, бидејќи се реализирани во 2021 година“, наведуваат од Владата.
Во однос на расходите за стоки и услуги, како и во други институции, тие биле сведени на минимум, како и во други институции, додаваат од Владата.
Претседателката Бендевска пак, се жали и дека работат со минимален број вработени.
Комисијата за антидискриминација повеќе од една година функционира и со член помалку. Седмиот избран член, веднаш по изборите поднесе оставка, а Собранието нема избрано нов.
Мефаил Исмаили