Комисијата за политички систем ги поддржа измените на законите за здруженија и за политички партии

Предлог измените и дополнувањата на Законот за здруженија и фондации и на Законот за политичките партии, по скратена постапка, денеска го поминаа филтерот на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците. Пред да се најдат на пленарна седница, овие измени на предлог-законите, треба да добијат поддршка и од Законодавно-правната комисија.
Пратениците на 17 октомври дадоа поддршка по скратена постапка да се донесе Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здруженија и фондации, поднесен од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Според Предлог законот, за употреба на име, презиме, прекар, псевдоним, кратенка или иницијали на историска личност, согласност дава министерот за правда по претходно добиено позитивно мислење на Комисијата за употреба на имињата на историски личности, а која ја формира самиот министер.