ВЕСТИМАКЕДОНИЈА

Пополнети пет празни места во Обвинителството за организиран криминал

Советот на обвинители конечно ги пополни испразнетите пет места во Организиран криминал. Се избраа истите обвинителки на кои во јануари им истече мандатот за гонење организиран криминал и корупција. Првиот човек на Советот рече дека тие треба да ги доработат почнатите предмети.

Advertisements

„Претежниот број, четири кандидатки се со еден мандат, што значи е краток период за да го дозавршат она што го започнале, затоа и е добро да имаат и втор мандат за да дозавршат. Јас неслучајно споменав дека треба да има и нови, млади сили што би рекле за понатаму, затоа што ако била интенцијата на законодавецот да тоа обвинителство биде со исти луѓе, ќе го предвидел и со самиот закон“, рече Антонио Јолевски, претседател на Совет на јавни обвинители.

Обвинителката Сузана Мирчевска Кузмановски во организиран криминал ќе го добие третиот мандат. Таа е избрана со 18 бода, од максимални 25, иако имаше и кандидати со повеќе бодови од неа. Според обвинителскиот совет, работата во Организиран криминал и во другите обвинителстава не може да се вреднува исто, бидејќи се работи за различна тежина на предметите. Реизбор доби и обвинителката Валентина Бислимовска која го промени обвинението во случајот „Поткуп“ во барање поткуп, а Заев доби ослободителна пресуда поради недокажување на делото.

Обвинителскиот совет ги реизбра и обвинителките Ивана Трајчева, која ги застапува „Меѓународен сојуз“ и „Софтери“ на Рашковски, како и Марија Ѓорѓиева и Енѓелуше Кадру Леши. Не беше избран гостиварскиот обвинител Арсим Адеми кој се спогоди со обвинетиот Зоран Милевски Кичеец за сообраќајката кај Стража со смртни последици за половина година затвор. Но и покрај ова, обинителот Адеми бил оценет со најмногу бодови. Не беше избрана ниту обвинителката Елизабета Јосифовска и покрај големиот број на бодови што ги добила. Таа работеше како обвинител во згаснатото Специјално јавно обвинителство.

Избрани обвинители:

Марија Ѓорѓева, 24 бода
Валентина Бислимовска, 18 бода
Енѓелуше Кадриу Леши, 24 бода
Ивана Трајчева, 25 бода
Сузана Мирчевска Кузмановска, 18 бода

Игор Стефановски

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button