Комуналните претпријатија „шворц“, сметките за струја изгор

За алармантната состојба со сметките за струја во јавните комунални претпријатија, министерот за локална самоуправа Горан Милески ќе ја извести Владата. Тој денеска не најде време да одговори на нашите прашања пред камера. Од неговиот кабинет само ни соопштија дека се свесни за нарушената ликвидност на претпријатијата и сега ќе се обидат да најдат решение за проблемот.
„Ние како министерство можеме само да го пренесиме нивното барање. Ние како министерство немаме финасии за тоа“, наведуваат од Министерството за локална самоуправа.
Информацијата која вчера ја испрати Здружението на јавни претпријатија дека е можно зголемување на цените на нивните услуги, дополнително ги револтираше граѓаните. Пред камерата на Алсат велат дека никој повеќе не мисли на нив.
„Трошоците се големи, режиските трошоци се уште поголеми. Чаре гледам економски државата или владата да се насочи на производство и да има резервни ресурси“…
„Ни трпение, ни спасение, ниту толеранција е тоа е веќе. Само за да се занимаваме со нешто“, велат граѓаните.
Од Регулаторната комисија за енергетика под чија надлежност е и дејноста со водата, велат дека државата треба да се обиде да обезбеди поевтина струја за јавните претпријатија, како тоа што го прави за приватниот сектор. Додаваат дека нема да дозволат енормно зголемување на цената на водата за пиење. Но, регулаторот вели дека и самите компании требало подомаќински да работат.
„Едноставно, луѓето ќе престанат да плаќаат. Не може ако трошокот им бил 500 денари, сега да им биде 1.000 или 1.500 денари или 2.000. Екстремно високо зголемување не е решение на проблемот. Треба да бидеме отворени и да кажеме дека таму има превработеност и тука ќе треба да се влијае на ефикасноста“, рече Марко Бислимовски претседател на РКЕ.
Доколку Владата не им помогне на 90 јавни комунални претпријатија, тогаш тие ќе прогласат финансиски банкрот. Од нивното здружение побараа да плаќаат цена на струја исто како и домаќинствата и малите потрошувачи или да добијат финансиска помош од државата. Во спротивно, ќе следи драстично зголемување на сметките за вода и за комунални услуги.
Иле Петревски