Конечната одлука за конфискација на Белата палата е во Апелација

Пресудата на скопскиот Кривичен суд за конфискација на главното седиште на ВМРО ДПМНЕ познато како „Белата палата“, како и на уште други 30 партиски штабови ќе може да се реализира само ако ја потврди и Апелациониот суд. Правниот застапник на партијата веќе најави дека ќе поднесе жалба до Апелција. И додека се чека на финална одлука, од Обвинителството за Алсат велат дека преземено е сè за имотот во меѓувреме да не може да се префрла, и да остане замрзнат до правосилната пресуда.
„Со вчерашната првостепена пресуда, Судот согласно член 541 став 5 од Законот за кривична постапка ги поништи правните работи склучени по сторување на делото. Јавниот обвинител ја очекува писмената пресуда од надлежниот суд во поглед на сите детали“, наведоа од Обвинителството.
Дали со пресудата на Кривичниот суд е поништен договорот со кој главното седиште на ВМРО – ДПМНЕ е под банкарска хипотека, од обвинителството велат дека тоа ќе го погледнат во писмената пресуда која треба да им ја достави судот. Зградата е под хипотека од 2016 година, период во кои што туку зварпиле дејствијата на Груевски и Божиновски за стекнување на ново партиско седиште на ВМРО ДПМНЕ. Според обвинението во тој период ја искористиле моќта од позиција на власт за новото партиско седиште вредно седум милиони евра. Иако политичките партии не заработуваат, забележани се уплати во ВМРО – ДПМНЕ од БЕТОН АД Скопје кои надминуваат два милиони евра.
Кривичниот суд во случајот „Талир 2“ пресуди конфискација на партиски штабови во неколку градови, како во Скопје, така и во Охрид, Велес, Берово, Кавадарци, Делчево, Кочани, Гевгелија, Богданци, Штип и во Струга, како и во други помали општини.
Игор Стефановски