Конкретна средба за влез на Алијанса во Владата немало

Од СДСМ и Алијанса за Албанците демантираат дека имале средби за можно вклучување на албанската опозициска партија во влада. Според премиерот, досега оваа тема меѓу нив не била отворена.
Имаше знаци, но нема сериозна понуда, вели првиот човек на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари. Тој вели дека за ова прашање не разговарале ниту во партиските тела и дека се фокусирале на конституирањето на нивните ограноци.
„Не можам да кажам ништо за нешто што не постои. Кога нема ништо, немате што да разговарате со нив. Ако има нешто, ќе седнеме и ќе разговараме“, рече Таравари.
-Дали имало понуди…?
„Можеби имаше сигнали, но немаше ништо конкретно за што може да разговараме и да дебатираме со партиските структури. Мислам, во моментов не е ништо сериозно“, додава Таравари.
Гласините за можно вклучување на АА во Влада се зголемија откако Таравари рече дека доколку имаат понуда ќе ја разгледаат, по превирањата во ДУИ од страна на незадоволната група и кревкото парламентарно мнозинство.
Фатлуме Дервиши