Конституиран Советот на Град Скопје

Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ ќе биде претседател на Советот на Град Скопје. Конститутивната седница се одржа во МКЦ, кино „Фросина“ и ја водеше најстариот советник Никола Пановски, а се верификуваа мандатите на новите 45 советници.
Славески по седницата изјави дека Советот на Град Скопје е составен од квалитетни професионалци кои ќе работат во интерес на граѓаните на главниот град.
-Тука ние сите сме еднакви, без разлика од која политичка партија или движење доаѓаме затоа што во Советот на Град Скопје или градските прашања и проблеми нема многу простор за политика, идеологија, геополитика…Тука станува збор за прашања од суштинско значење за квалитетот на животот на граѓаните, како што е квалитетот на воздухот, мобилноста, сообраќајот, паркирањето и инфраструктурата, кои ние сега треба да ги решаваме, изјави Славески.