Контролорите за летање во М-НАВ најавуваат штрајк поради нерегуларности во процесот на вработувања

Контролорите за летање во М-НАВ Скопје најавија штрајк на 12 октомври.
Штрајкот, како што информираа од Синдикатот на контролори за летање, е поради непрофесионалното однесување од директорите во однос на вработувањата и внатрешните прераспоредувања.
Првиот човек на Синдикатот, Александар Тасевски, вели дека на неповолните состојби укажуваат долго време, а за проблемите го информирале и Министерството за транспорт и врски.
Тасевски посочува дека во процесот на вработувања во М-НАВ приоритет се дава на оние кои ги одбираат директорите, а тоа, како што вели, не гарантира квалитет, а истовремено создава и револт кај квалитетните кадри на кои не им се дава шанса за напредок.
„Да престане хаотичното однесување и да се однесуваат професионално, а контролата на летање да си го добие своето место и во рамки на балканските контроли на летање и во Европа. Во служби што се превработени се зголемува бројот, се распишуваат конкурси што траат по три дена, а лицата што ги ангажираат на тие работни позиции не можат да одговорат на потребите на работниот процес, што потоа се користи како изговор пак за дополнителни вработувања“, вели Тасевски во изјава за МИА.