Корупцијата останува врвен проблем за граѓаните

Корупцијата останува врвен проблем за граѓаните, но и главна пречка за пристапот до квалитетни и јавни услуги, евроинтеграцијата и општ развој на државата. Борбата против корупцијата бара соодветно следење и дополнителни ресурси – финансиски, технички и човечки, за да можат институциите ефективно да ги имплементираат контролните механизми. Корупцијата мора да се искорени за да се постигне одреден напредок, беа главните пораки на настанот во Собранието, што се одржа денеска по повод одбележување на Меѓународниот ден за борба против корупцијата – 9 Декември.
На одбележувањето, заменик-шефот на Делегацијата на ЕУ, Бен Наупнау порача дека унапредувањето на владеење на правото е клучно за развојот и просперитетот на Северна Македонија.
-Корупцијата и понатаму е предизвик во Северна Македонија и длабоко влијае на економијата. Неколку влади повторно ја искажаа својата посветеност кон борбата против корупцијата, меѓутоа, многу малку, ако не и ништо не се менува, рече Наупнау во своето обраќање денеска во Собранието, повикувајќи на конкретни чекори за промена.