
Еврокомесарката за проширување и соседска политика, Марта Кос, која денеска (13 март) престојува во Албанија, порача дека патувањето на земјата кон ЕУ, е сигурно и вистинито и оти Албанија заслужува да биде дел од ЕУ, зашто е „шампион за регионалната соработка“.
„Геополитиката денес ни покажува дека се е можно и вашиот пат кон ЕУ е безбеден и вистинит. Процесот за членство треба да биде проект на сите албански граѓани. Според мене, важно е пристапниот процес да биде проект на целото албанско општество. Не само владата, туку секој град и село треба да се вклучи, за граѓаните да разберат зошто Албанија ќе стане членка на ЕУ,“ рече таа.
Кос се задржа и на парламентарните избори што ќе се одржат на 11 мај, оценувајќи притоа дека изборниот процес е меѓу најважните процеси во демократијата и оти е убедена дека изборите ќе бидат слободни и демократски.
„Парламентарните избори се еден од најважните процеси во една демократија. Ова е изборот на граѓаните да си ја исполнат должноста да гласаат, се надевам дека ќе гласаат и ќе има голема излезност. Сигурна сум дека ќе бидат слободни и фер и го поздравувам фактот што дијаспората ќе има можност да гласа на овие избори. Да проговорат со своите гласови за тие важни работи, за принципите и основите на демократијата“, порача таа.