РЕГИОН

Косово, блокадите на патиштата Србите ги зајакнаа и со купишта чакал

Четврти ден по ред националните патишта што го поврзуваат Косово со Србија се блокирани. Освен камиони и автомобили, поставени од локалните Срби, денеска беше истурен и чакал. Косовската полиција информираше дека и покрај заострувањето на блокадата, ситуацијата е мирна.

Портпаролот на ЕУ, Питер Стано, соопшти дека Европската унија од почетокот на ескалацијата на ситуацијата на северот на Косово е дипломатски ангажирана за да им помогне на страните да ги намалат тензиите. Високиот претставник за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел и специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, беа во контакт со лидерите во Приштина и Белград и понудија помош за намалување на тензиите.

„Ние претпочитаме да ја работиме нашата работа преку политички и дипломатски канали, а не преку јавни коментари. Она што требаше јавно да го кажеме, го кажавме преку изјави за медиумите, вклучително и вчера со соопштението на високиот претставник Борел“, рече Питер Стано, Портпарол на ЕУ.

Блокадите почнаа откако Владата на Косово одлучи да воведе реципроцитет и на сите возила со српски таблички, да им лепи привремени косовски ознаки, исто како што веќе долго време прави Србија со возилата кои влегуваат од Косово. Во меѓувреме, реагираше и шефот на Мисијата на Обединетите нации во Косово (УНМИК), Захир Танин. Тој рече дека едностраните дејствија носат ризик од ескалација и треба да се избегнуваат во интерес на мирот и безбедноста на граѓаните.

Косовскиот премиер Албин Курти и српскиот претседател Александар Вучиќ не се поместуваат од своите ставови. Курти ги повикува Србите да ги деблокираат патиштата и оти е спремен да се сретне со Вучиќ, ако дојде таква иницијатива од Европската унија. Вучиќ изјави дека за да разговара, ситуацијата прво мора да се врати како што беше пред 20 септември, кога Косово ја воведе мерката.

Адриан Керими

Прикажи повеќе

Related Articles

Back to top button