Косово го укина ПЦР тестот за влез во државата, слободен транзит за 3 часа

Владата на Косово донесе одлука за укинување на негативниот ПЦР тест за транзит. Граѓаните кои со возило преминуваат низ Косово кон некоја друга држава се должни да потпишат само изјава дека во рок од 3 часа ќе ја напуштат територијата на Косово. Оние пак, кои треба да патуваат преку Меѓународниот аеродром „Адем Јашари“ во Приштина, мора на граница да прикажат авио-билет. Тестот останува задолжителен во случај граѓаните што не се од Косово да сакаат да се задржат на територијата на државата.
Одлуки на Владата на Косово
Негативен ПЦР тест не е потребен за:
Граѓани на странски држави кои преминуваат од една гранична точка до друга копнена или воздушна точка
За професионални превозници (возачи)
За организиран јавен превоз со редовни меѓународни транзитни линии
А, утре во Скопје за укинување на негативниот ПЦР тест ќе расправаат и здравствените власти во нашата земја. Извори од Комисијата за заразни болести за Алсат велат дека на првиот состанок следнава недела на Владата ќе ѝ се препорача да го укине тестот. Ваквата одлука ќе следува по бројните реакции во јавноста, но и по барањето на Стопанските комори од Северна Македонија и Косово кои нивните проблеми ги адресираа во владите на двете земји и дипломатските претставништва поради големите економски загуби.
Адриан Керими